Минатата година од кардиоваскуларни заболувања во државава се починати околу 10 илјади лица, а поголем дел од нив се жени. Карактеристично е дека се поместува границата на возраста за смртноста од овие заболувања. Се почесто, поради лошиот стил на живот, од овие заболувања починуваат и млади луѓе на возраст од 40, па дури и под 40 годишна возраст.
Тоа го изјави денеска Елена Ќосевска, раководител на секторот за промоција на здравје во Институтот за јавно здравје и професор на медицинскиот факултет на одбележувањето на Светскиот ден на срцето, 29 септември. Годинашното мото е „Биди херој на срцето“.
Кардиоваскуларните заболувања, како што рече,претставуваат најголем здравствен проблем, како во светот, така и во државата.
Според Ќосевска, ризик факторите во почетокот не се познаваат кај здравите луѓе, и поради тоа е потребно нивно рано откривање со редовни прегледи.
Луѓето мислат дека се здрави но всушност веќе имаат одредени ризик фактори. Видливи ризик фактори се пушењето и крвниот притисок доколку е висок над 140 со 90 веќе е еден знак дека треба да се испитаат и другите параметри и да се констатира кардиоваскуларен ризик. Обично кумулативниот ефект на два три или повеќе ризик фактори е аларм дека граѓанинот треба редовно да посетува доктор и да биде во консултација со својот матичен лекар, рече Ќосевска.
Таа ги повика граѓаните да прават редовни контроли на своето здравје, да го проверуваат и мерат крвниот притисок, холестеролот и мастите во крва, шеќерот во крвта, или ако се пушачи да престанат со пушење. Порача консумацијата на алкохолот да биде согласно со предвидените норми, а тоа значи дневната доза да биде 330 милилитри пиво, десет милилитри ракија или 150 милилитри вино.
Физичката активност е многу важна. Светска здравствена организација и Светската федерација на кардиолози препорачува дневно најмалку 30 минути луѓето физички да се рекреираат, пешачат. Во нашата држава има многу терени, спортски сали, теретани и други услови се обезбедени само е потребно луѓето да сфатат дека мора да се грижат за своето здравје, посочи Ќосевска.
Зоран Митев од „Здрава иднина“ – Здружение за превенција од кардиоваскуларни заболувања вели дека во последните десет години бројот на заболени опаѓа, што е добро за државата, но, како што посочи, треба уште поактивно да работиме на тој план.
Смртноста од кардиоваскуларните забуловања во светот изнесува 17,9 милиони на годишно ниво. Во Европа тричетвртини од вкупно умрените се од кардиоваскуларни болести и малигни заболувања.