На состанокот со министерката Мила Царовска побаравме два предмети за полагање на државната матура, чекавме одговор дали се подготвени да соработуваат. Немавме друга опција откако видовме дека не се подготвени за соработка, па бојкотот на наставата беше неминовен, рече за ТВ24, Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци.
– Имаме дефинирани барања кои полесно може да се прифатат. Ние одлуката ја донесовме пред 3 дена, состаноците деновиве се координативни за да имаме поефикасен бојкот на наставата, за да постигнеме образовните институции да ги прифатат нашите барања. Матурантите треба да ја бојкотираат наставата од утре. Средношколците досега беа поделени, дел бараа целосно укинување на државната матура, а дел сакаат модификации на содржината за матурата. Голем број од средношколците се согласуваат со овие барања – вели Ходаи.
Утре мнозинството матуранти ќе ја бојкотираат наставата, додаде тој.
– Не сакаме да направиме протест, затоа што во време на пандемијата треба да сме одговорни. Барањата не се да се укине матурата, туку модификација по пример со образованието во Франција, намалување на бројот предмети, наместо 4 на 2 предмети – истакна Бленди Ходаи.