Од утре почнува трета фаза од уставните измени

Предлог текстовите на амандманите на Уставот кои произлегуваат од Договорот од Преспа од утре влегуваат во собраниска процедура.

Предлог амандманите како и предлог уставен закон за спроведување на амандманите утре се на дневен ред на прво на Законодавно правната комисија , потоа и на Комисијата за уставни прашања во парламентот.

Владата ги достави предлог текстовите откако направи мали измени во нацрт верзиите и прифати дел од забелешките изнесени за време на петдневната јавна расправа по уставните измени.

Се очекува дека целиот процес на промена на Уставот согласно договорот за промена на името на Република Македонија ќе заврши кон средината на јануари.

Предлог амандманите треба да бидат разгледани од  Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.

Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери најави дека седницата ќе ја закаже најверојатно за 15-ти јануари.

Инаку, поддршка за уставните измени освен пратениците од парламентарното мнозинство најавија и пратениците од Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ, оние кои гласаа и во првата фаза за почетокот на процесот на измена на Уставот.

Како опозицијата ќе се делува во финалето на измените на Уставот со цел промената на името на државата од ВМРО ДПМНЕ велат дека утре пред во Собранието пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ ќе има координација на која што ќе се одлучи за понатамошните чекори во текот на расправата и ќе излезе со став.