Самарас многу добро знае дека постои македонски јазик. Тој многу добро знае дека овој јазик и луѓето што го зборуваат не биле измислени од… комунистите, ниту од кој било друг. Но тој е болен националист, сериозно хендикепирана личност, полна со комплекси.
Нема да ви додевам со детално образложување што мислам јас за Антонис Самарас. И онака навистина не е важно она што мислам јас или некој друг за него. Ајде да одиме директно на фактите. Голи, едноставни факти.
Вчера грчкиот премиер, кој тврди дека во неговата земја се родила демократијата (гласно смеење) го посети Европскиот парламент во Стразбур и одговараше на прашања на акредитираните новинари. Стразбур не е обично место. Тој ја претставува новата Европа, која на најдобриот можен начин се појави по двете крвави светски војни. Седиште на Европскиот парламент, кој им е домаќин на делегати од 28 земји. Седиште на Советот на Европа, кој им е домаќин на повеќе од 50. Германски град што сега технички ѝ припаѓа на Франција, но пред сè тој ја симболизира суштината на идејата за Обединета Европа. Нешто што беше незамисливо пред неколку децении.
И таму доаѓа Антонис Самарас. Тој ги избира токму тоа место и храмот на европската демократија за да даде две неверојатни изјави. „Не ни знаев дека воопшто постои македонски јазик“, беше првата. „Постојат многу работи што биле измислени од страна на комунистите, но јас не сакам сега да коментирам за нив “, беше втората. Требаше да го видите на лицето на претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц – кој седеше до Самарас – кога ги слушна овие забелешки, кои беа дадени како одговор на прашањата од еден македонски новинар. Германскиот политичар едноставно не можеше да им поверува на своите уши, но се разбира, од учтивост, тој се обиде да не го покаже целосно своето изненадување. Шулц, како и секој нормален човек во Европа, се прашуваше во кој век е заглавен грчкиот премиер. Од кој универзум дошол, негирајќи работи што целиот свет ги знае и навредувајќи ја интелигенцијата на секој можен човек што го слушнал како го кажува тоа.
Се разбира, Самарас многу добро знае дека постои македонски јазик. Тој многу добро знае дека овој јазик и луѓето што го зборуваат не биле измислени од… комунистите, ниту од кој било друг. Но тој е болен националист, сериозно хендикепирана личност, полна со комплекси. Без разлика колку од петни жили се обидува да го скрие тоа, во моментот кога ќе ја отвори устата, сè станува кристално јасно. Вчерашните изјави, сепак, ги надминаа сите граници. Човекот немаше почит ни кон местото на кое се наоѓа, ни кон функцијата што сè уште ја има, а да не зборуваме за јадрото на европските вредности за кои тој лицемерно тврди дека ги брани, но толку очигледно ги нарушува.
Грчкиот официјален (и не само официјален) став кон Македонците и кон Република Македонија е срамота. Јас сум длабоко засрамен што сум формално поврзан со овој лудак и искрено сум ѝ благодарен на Македонија што ми понуди алтернатива. Грција со Самарас на чело за кратко време ќе стане нешто како следниов виц, кој доаѓа од времето на владеењето на Берлускони во Италија:
Разговараат двајца патници во авион:
Патник 1: Од каде си?
Патник 2: Од Рим.
Патник 1: Молам? Романија?
Патник 2: Не, не, Рим, Колосеумот, Италија.
Патник 1: Ааа, да, Берлускони!
Патник 2: Не, не. ОД РОМАНИЈА!
Нема потреба да се каже дека од вчера јас се чувствувам како комплетен Романец…
Пишува: Јоргос Пападакис за мкд.мк