Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска присуствуваше на свеченоста по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик во Република Македонија.
Културната манифестација ја организираше Сојузот на Турски невладини организации МАТУСИТЕБ, како дел од прославата на националниот празник на Турците во Македонија, 21 декември. Честитајќи им го денот, Ристовски во изјавата за медиумите истакна:
„Согласно Уставот и позитивните законски прописи во Република Македонија, учениците од различните етнички заедници можат да следат настава на јазикот кој го говорат. Тоа значи дека и учениците од турска националност имаат можност да го формализираат својот образовен процес од прво одделение основно образование до четврта година средно, на турски јазик. Во моментов 5 880 ученици во основно образование и околу 1 650 во средно образование ја следат наставата на турски јазик. Како Влада максимално сме посветени на подобрувањето на развојот на севкупниот образовен систем, така што придобивките подеднакво се однесуваат на сите ученици, без разлика на етничката припадност. И таа политика ќе продолжи и во иднина“, рече Ристовски.
Од друга страна пак, зголемен е интересот на студенти од Република Турција кои се одлучуваат да го продолжат своето образование во нашата земја. Тие слушаат предавања на македонски јазик на Универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола и „Гоце Делчев“ во Штип. Пред да започнат со студиите, задолжително посетуваат подготвителна настава по македонски , која ја организираат самите универзитети.