Претседателот Стево Пендаровски, заедно со делегација од неговиот кабинет и делегации на Владата денеска положија венци на гробот и на спомен обележјата во чест на претседателот Борис Трајковски, кој на денешне ден пред 17 години загина во авионска несреќа.
Претседателот Пендаровски положи свежо цвеќе и на вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата: Димка Илкова – Бошковиќ, Ристе Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Делегации на Кабинетот на Претседателот денеска положија свежо цвеќе и пред спомен – обележјето на местото на несреќата во Ротимље и на вечното почивалиште на Анита Кришан Лозановска на гробиштата во Велес.
Владата ја прифати иницијативата на претседателот Стево Пендаровски за изменување и дополнување на Законот за одликувања и признанија на Република Македонија и воведување на две нови одликувања во Република Северна Македонија: Орден „Киро Глигоров” и Орден „Борис Трајковски”. Надлежните министерства имаат рок од 60 дена да ги подготват законските измени.
Владина делегација составена од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Бујар Османи и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска, положи венец на гробот на претседателот Трајковски на градските гробишта „Бутел“ во Скопје, а на споменикот на претседателот Трајковски во Струмица, цвеќе положи владина делегација, која ја сочинуваа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски.
– Со оддавање на должна почит и признание за неговиот исклучителен придонес му искажуваме благодарност на скромниот, искрен и често емотивен Трајковски, кој како шеф на државата во сложени времиња за нашата земја покажа лидерство и знаеше како да ги стави државничките интереси пред тесно партиските интереси. Во нашето колективно сеќавање претседателот Трајковски останува врежан како човек од народот и човек за народот, но и како државник со непоколеблива визија за нашата земја како општество на сите граѓани и фактор на мирот и стабилноста во регионот – се вели во владиното соопштение.
Претседателот Трајковски, заедно со осумчлена делегација од неговиот кабинет и членови на екипажот на владиниот авион, трагично ги загубија животите во авионска несреќа на 26 февруари 2004 година во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.