Одбележување на Меѓународниот ден на толеранција

По повод Меѓународниот ден на толеранција, прогласен од ОН, денеска во Кинотека на Северна Македонија ќе се одржи настан за меѓуетничка и меѓуверска толеранција, под мотото „Чекориме заедно“.

Главната тема на настанот, кој е организиран од страна на Inner Wheel Клуб Скопје Еуропеа, е соживотот.

– Настанот ќе започне со проекција на краткометражниот филм „Награда“ напишан и режиран од Лидија Мојсовска, кој обработува теми поврзани со етничките и верските предрасуди и потребата за толеранција помеѓу различните заедници, наведоа организаторите.

По филмот ќе следи трибина и дискусија која ќе биде модерирана од Елена Гаговска, граѓанска активистка и фриленс новинарка/писателка, а соговорниците ќе бидат луѓе кои се истакнати во полињата на образованието и граѓанскиот сектор – Виолета Георгиевска, менаџер на програмата за развој на деца и поранешен директор на СОС детско село, Тамара Ќупева, Научен соработник во Институт за македонска литература, УКИМ и долгогодишен професор во средно училиште, Насер Мифтари, професор по историја при СУГС “Зеф Луш Марку”-Скопје, долгогодишен просветен работник и граѓански активист и Кенан Таир, комуникациски координатор од граѓанската организација за правата на Ромите „Ромалитико“.

На настанот ќе присуствуваат ученици и наставници од различни средни училишта со цел да се подигне свеста кај младите за меѓу-етничка и верска толеранција.