Одбојкарите ќе се обидат да ја продолжат низата победи против Данска

Македонските одбојкари во поход кон нови победи во Европската лига

Престојниов викенд следуваат нови два натпревари за македонската одбојкарска репрезентација во рамките на Европската лига, овој пат против Данска.

Нашите најдобри одбојкари ќе имаат и климатизирана сала во СЦ „Борис Трајковски“, откако издржаа пеколно жешки услови на претходните мечеви со Израел.

„Решени се проблемите, салата ќе биде климатизирана. Ја повикуваме публиката во што е можно поголем број да дојде и да ги бодри одбојкарите“, изјави генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ.

По двата триумфи со Израел, селекторот Жарко Ристоски има желба за идентични резултати и против Данска.

„Против Израел остваривме две убедливи победи. Освоивме шест бода кои значат многу и за изгледот на табелата, но и за зголемување на нашите мотиви. Сега не очекува двомеч со Данска, која ни е позната селекција. Лани ни земаа еден бод во Струмица, но овојпат ќе се потрудиме да стигнеме до максимални победи. Секако дека го респектираме противникот, но и не стравуваме“, истакна селекторот на нашиот одбојкарски национален тим.