Да се укине пресудата која што ја донесе Основниот кривичен суд во Скопје за случајот „Рекет“ и предметот да се врати на повторно судење, бара одбраната на Бојан Јовановски и Катица Јанева. Како клучни прочини за ваквите барања, одбраната ги наведе немањето на докази и вештачење, со кои според адвокатите е направена суштествена повреда. За случајот „Рекет” Јанева доби седум, а Јовановски девет години затвор.
Адвокатот Сашко Дуковски пред второстепените судии праша дали може една ваква пресуда да се заснова на исказ на само двајца сведоци, а тоа се Орце и Ана Камчеви.
„Дали може ваква една пресуда да се заснова на исказ на двајца сведоци, кои ниту се јасни ниту категорични? Кога ќе ја анализирате пресудата, ќе видите после секој доказ се вели дека покрај доказот што го ценеше судот, се тргна и од јасниот и категоричен исказ на Орце Камчев и неговата сопруга Ана. Дали може ваква пресуда да се заснова само на тоа? Не може да се бара, кога обвинителството не доставува докази, тоа да го направи одбраната. Обвинителството е тоа што треба да ја докаже својата теорија на случај”, рече адвокатот Сашко Дукоски, застапник на Јовановски.
За одбраната бизнисменот Орце Камчев нема статус на оштетен, иако предметот се однесува дека од него биле земени 1,5 милиони евра со цел тој да добие повластен третман во случајот „Империја” каде е осомничен.
„Будала е Орце Камчев да дава 1,5 милион евра за нешто што знае дека ќе се случи и ќе излезе од притвор со решение на Врховниот суд?”, рече бранителот на Јовановски.
Адвокатот потсети и дека во снимки кои излегоа во јавноста се слуша како и самиот Камчев кажува дека него го пуштил Врховен, а не Катица.
На седницата присутен е само Јовановски, а Јанева со писмо ги извести судиите дека поради здравствени причини не е во можност да дојде на закажаната седница.
По денешната седница Апелацискиот суд Скопје ќе треба во најкус можен рок да донесе одлука за овој предмет.