Доколку ја погледнеме ситуацијата во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија (која впрочем незаконски и надвор од секоја процедура од скоро е именувана како Армија на Република с. Македонија), лесно може да се заклучи дека Радмила Шеќеринска е еден од најлошите министри за одбрана од осамостојувањето до денес. Во својот досегашен мандат, таа го централизираше раководењето со одбраната, се меша во командувањето со единиците, ги монополизираше стратешките процеси, врши злоупотреби и наместо резултати, има застој во реформите во одбраната, но и злоупотреба на армијата во партиски цели и партизирање на одбраната. Во низата злоупотреби на МО од страна на Шеќеринска и стратешки грешки при раководењето со ресорот одбрана, најевиденти се промашувањата кои се поврзани со Стратешкиот одбранбен преглед (СОП).
Иако уште при неговото носење опозицијата предупреди дека Шеќеринска намерно го забрзува донесувањето на СОП со цел да прикаже некаква посветеност кон реформите во одбраната, по една година од донесувањето на СОП-от, стана јасно дека овие забелешки не само што биле точни, туку и дека ако не се реагира, резултатите може да бидат катастрофални. Проблемите со СОП се повеќе димензионални. Ќе ги групирам во неколку дела.
За почеток, да појаснам дека СОП е документ кој треба да претставува патоказ за операционализација на Стратегијата за одбрана. Тоа е документ кој, покрај останатото, треба да ги согледа разликите помеѓу заканите по безбедноста и одбраната од една страна и од друга стана соодветноста на развојот на одбранбените капацитети, кои треба да дадат одговор на таквите закани. Врз основа на таквата анализа, во СОП-от треба да бидат понудени решенија (и да се даде насока) за тоа како воочените недостатоци треба да бидат надминати; што е тоа што треба да се задржи како капацитет; што е тоа што треба да се надгради и секако како тоа да се направи и под кој приоритет.
Имено, на секој еден експерт во одбраната му е јасно дека АРМ мора да биде подготвена да одговори на заканите, и за секој кој ги познава условите во Армијата му е јасно дека досега освен реторика, во делот на подигнување на подготвеноста на Армијата, досега не видовме ништо друго освен промашувања и изговори. Првиот изговор е дека бројната состојба на Армијата ќе се намали за да се подобри стандардот и набавките. Апсолутно ништо не направи министерката за да го подобри стандардот и набавките. Реализацијата на буџетот е помалку од 20%, а освен гумите кои ги набавија и со кои се фотографираа, не набавија ништо друго. Помпезно најавуваната набавка на чизми излезе фијаско, затоа што набавката не успеа да ги покрие потребите ниту на половина Армија, а втората помпезна набавка, онаа на униформи, се поништи како и многу други претходно.
Следно промашување е стратешката резерва. За водење на вооружена борба и соодветна одбрана на земјата е потребно да се има стратешка резерва. Тоа на Шеќеринска не и се поклопи во математиките, па затоа нејзиниот тим го претрча кога го подготвуваше СОП-от.
Со тоа се направи трета суштинска грешка во градењето на најзначајниот документ. Дека структурата на сили е најголемото промашување зборува и фактот што Шеќеринска за да задоволи одредени интереси кои се чисто корпорациски, а не суштински одбранбени, влезе во битка со дел од генералите и ги заобиколи нивните совети за тоа дека артилеријата и тенковите не треба да се стават во Б формација, туку да се задржат како капацитет. За трагедијата да биде поголема најновите совети од НАТО после проценките укажуваат дека не само што ставањето на артилеријата во Б формација било погрешно, туку и дека СОП треба да се менува целосно. Следно промашување е екскурзијата на Шеќеринска за градење на сосема нов капацитет, а тоа е баталјонот за извидување, разузнавање, набљудување и определување на цели, т.н. ИСТАР капацитет. Оваа многу скапа инвестиција не само што не е суштинска, туку нема стратешко оправдување бидејќи предвидува уништување на ренџерскиот баталјон и градење сосема нов капацитет за кој немаме ниту буџет, ниту потреба.
И на крај, секако е проблемот со човечките рсурси и лошиот менаџмент со персоналот. Шеќеринска постојано инсистира дека таа менаџира со одбраната и персоналот во одбраната. Но, она што не го кажува јавно, е дека таа се обидува да врши не само менаџирање, туку и командување. Најдобар доказ е најпрвин објавениот, па повлечениот конкурс за курс за подофицери. Во него, министерката која сака да ја има целата моќ, ги заобиколи ГШ и командантите на единиците и го направи конкурсот за прв пат во историјата на АРМ за произведување на подофицери под нејзина директна надлежност. Со тоа не само што се меша во командувањето директно, а што не смее да го прави согласно законите, туку и сака да го политизира подофицерскиот кор. Замислете за секој кој сака да стане подофицер, и кој е докажан професионалец пред претпоставените командири и команданти, да имаме ситуација во која нема да одлучуваат тие претпоставени дали ќе биде добар подофицер, туку Шеќеринска и партиската кујна на СДСМ.
Сите овие суштински промашувања се рефлектираа на структурните промашувања во делот на одбраната. Тоа најдобро го покажува фактот дека претставниците на НАТО се видно нервозни затоа што имплементацијата на СОП-от не е ниту започната. За да можеше да се започне со имплементација на СОП-от беше потребно да дојде до смена на Законот за одбрана и Законот за служба во АРМ.
До тоа, за жал, освен минорни смени кои и одговараа на Шеќеринска и СДСМ, за парцијално, божем решавање на статусот на ПфВ, не дојде. Ставениот фокус на меѓународните шетања и рекламата на Шеќеринска, наместо на решавање на проблемите во одбраната, се рефлектираше врз моралот на војниците. Тој е на најниско ниво, а арогантниот однос на министерката резултираше со целосно опаѓање на заинтересираноста на младите за одбраната. Тоа е разбирливо бидејќи буџетирањето кое требаше да го следи имплементирањето на СОП не оди како што таа го промовираше и се обидува сеуште да го промовира. Со тоа намалувањето на бројната ситуација на АРМ нема никаква врска со подобрувањето на статусот на воените лица и одбраната. Веќе погоре споменав дека за оваа година има рекордно ниска реализација од помалку од 20% од предвидениот буџет. Вистината и реалноста се дека во доменот на одбраната не постојат институционални реформи, бидејќи освен реклама на Радмила Шеќеринска, не видовме ништо друго.
Автор: Александар Нацев за НетПрес