Во средбата од првото коло од Групата Е на Светското фудбалско првенство во неделата во Самара селекцијата на Србија ја совлада Костарика со 1:0 (0:0), со прекрасниот гол на Коларов.
Голот на одлуката го постигна во 56 минута српскиот бек Александар Коларов кој од слободен удар од 25 метри неодбранливо биеше над живиот ѕид на Костариканците и го погоди самиот горен агол од голот на голманот на европскиот клупски шампион Реал Мадрид, Кејлор Навас.
Во борбеното но сиромашно со убави потези прво полувреме и двете репрезентации имаа по една шанса. Прво во 12 минута бекот на Костарика, Гозналес по изведен корнер од близина биеше со глава, но топката отиде крај стативата. Единствената шанса за Србија во првиот дел беше создадена во 27 минута кога Коларов со долга топка го пронајде Сергеј Милинковиќ-Савиќ чиј удар од 11 метри одеше директно во голманот Навас.
Во вториот дел Србија започна поконкретно и веќе во 56 минута по прекинот и слободниот удар на Коларов дојде во водство. Претходно во 51 минута Митровиќ не реализираше стопроцентна шанса, откако по двојното проигрување со Милинковиќ-Савиќ излезе сам пред Навас кој одлично го одбрани неговиот обид. Србија имаше уште две шанси, во 76 минута Филип Костиќ лошо реагираше во противничкиот казнен простор, а во 87 минута Митровиќ дозволи пред петерецот да му биде избиена топката од нозете во клучниот момент. Репрезентацијата ја Костарика, којашто на минатиот мундијал беше најпријатното изненадување кога стаса до четврфиналето, во второто полувреме не создаде ниедна можност за гол.
Во вториот натпревар од Групата Е вечерва во 20 часот во Ростов на Дон играат Бразил и Швајцарија.