
Судењето за предметот „Насилство во Центар“ денеска беше одложено поради отсуство на еден од обвинетите, а наредното рочиште е закажано за 6 јуни.
Според адвокатот на обвинетиот Александар Трајковски, тој не се појави на денешното рочиште затоа што бил на службен пат во Хрватска. Бранителот достави решение од градоначалникот на општина Гази Баба дека Трајковски како советник бил поканет на настан во Хрватска.
Поради неговото отсуство, рочиштето е одложено, а обвинителката Фатиме Фетаи побара да бидат закажани повеќе рочишта затоа што, како што рече, ова е најстариот предмет на СЈО.
За насилството пред објектот на Општина Центар што се случи во 2013 година првообвинет е експремиерот Никола Груевски. Освен него, обвинети се и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште девет лица. Тие пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.
Обвинетите во предметот се товарат за поттикнување насилството пред општина Центар во јуни 2013 година.