Белград е на прагот на нови избори за градските власти, откако конститутивната седница на градското собрание во понеделникот беше одложена за 1-ви март поради немање кворум, со тензии и протести на опозициските советници кои ја обвинуваат владејачката Српска напредна партија (СНС) за наводна кражба на изборите во декември.
Владејачката Српска напредна партија (СНС) на изборите на 17-ти декември освои 49 мандати, а таканаречената „проевропска“ опозициска коалиција на левиот центар „Србија против насилството“ (СПН) 43 од вкупно 110 советници, додека коалициските партнери на СНС, Соццијалистичката партија на Србија (СПС) има пет мандата.
Конзервативната десничарска коалиција НАДА има седум советници, а групата „Ние-гласот на народот“ на чело со контроверзниот лекар Бранимир Несторовиќ има шест, но СНС не успеа во обидите да ги придобие за формирање заедничко парламентарно мнозинство.
Опозицијата ја обвинува владејачката партија дека ја „украла волјата на граѓаните“ со наводен изборен инженеринг и доведување гласачи од Република Српска и градовите во Србија каде што немало локални избори на 17-ти декември. Бројни забелешки имаат и меѓународните набљудувачи, но за нив изјавија по речиси еден месец, а сека најавија извештај за тоа кој се очекува до крајот на февруари.
На 8-ми февруари, Европскиот парламент усвои необврзувачка резолуција со која се бара меѓународна истрага за наводните изборни нерегуларности и предлага суспензија на пристапот на Србија до европските фондови, доколку се докаже дека властите биле директно вмешани во измама на гласачите.
Избраните советници од опозицијата денеска влегоа во белградското Собрание и застанаа пред собранискиот спикер со транспаренти „Белград не дозволува! „Ги украдовте изборите“, „Кражба нема да помине“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, чие име се најде на изборната листа на СНС „Александар Вучиќ – Србија не смее да застане“, вчера изјави дека СНС има „легално, но сѐ уште не и легитимно мнозинство“, без да ја отфрли можноста да се повторат белградските избори доколку пропадне обидот СНС да обезбедете повеќе од половина од мандатите во градскиот парламент.
Слично, истото го повторија и претседателот на СНС, Милош Вучевиќ, и поранешниот градоначалник Александар Шапиќ.
„Победивме и верувам дека таа победа не само што ќе ја потврдиме доколку има повторени избори, туку и ќе ја направиме уште поубедлива“, изјави Шапиќ за новинарите пред почетокот на денешната седница, која потоа беше одложена.
Владимир Обрадовиќ, кандидатот за градоначалник на опозициската СПН, за новинарите изјави дека градското собрание не е конституирано и дека СНС и СПС не обезбедиле мнозинство, па затоа не можат да формираат градска власт.
„На седницата беше најавено дека од нивна страна ќе присуствуваат 60 советници, но тие ги немаше, што значи дека немаат мнозинство“, изјави Обрадовиќ, оценувајќи дека „ова е голема победа на опозицијата денеска“.
Лидерот на коалицијата НАДА, Милош Јовановиќ, пред најавената седница инсистираше дека изборите во Белград мора да се повторат бидејќи „резултатите се нелегитимни“, нагласувајќи дека „секој устав на владата во Белград би бил нелегитимен“. „Тоа би била отворена покана за сите граѓани на Белград да ја одбранат својата изборна волја“, рече Јовановиќ.
Во постизборните протести по 17-ти декември, илјадници луѓе протестираа во српскиот главен град барајќи повторување на изборите, а владата го нарече обидот на група избрани опозициски советници да влезат во белградското собрание за време на еден од протестите уривање на уставниот поредок.
Доколку до 3-ти март, кога истекува последниот законски рок, не се конституира градскиот парламент и не се изберат претседател, потпретседател, секретар и управни совети, оттогаш почнува да тече рок од еден месец, во кој претседателот на Собранието на Србија во рок од 45 до 60 дена мора да распише нови избори.