Одложено судењето на Хрватите обвинети за трговија со деца во Замбија

Денешното рочиште на Хрватите обвинети за трговија со деца во Замбија е одложено, а следните рочишта се закажани за 6-ти и 10-ти февруари, пренесуваат во понеделникот медиумите повикувајќи се на хрватски дипломатски извори.

Четири двојки од Хрватска беа уапсени на почетокот од декември на аеродромот во Ндола, третиот по големина град во Замбија, под сомнение за трговија со луѓе, односно под сомнение за валидност на документите за посвојување малолетни деца од ДР Конго. Тие се обвинети за обид за трговија со луѓе и фалсификување документи. Обвинетите, пак, ја негираат вината.

Судот во Ндола, третиот по големина град во африканската земја со околу 19,5 милиони жители, им дозволи пред две седмици на хрватските граѓани да се бранат од слобода откако платија кауција, 20.000 замбиски квачи по лице (околу 1.100 американски долари) и ги депонираа патните исправи, како и да го регулираат престојот во Замбија и да најдат 16 луѓе кои ќе гарантираат за нив. Засега, единствениот услов којшто им преостанал да го исполнат, е регулирањето на престојот.

Посвоените деца, кои поседуваат хрватски документи, биле однесени од замбиските социјални служби. Хрватскиот конзул од Преторија во ЈАР, сѐ уште не добил дозвола да ги посети децата.