Јавното обвинителство за гонење организран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска побара одлагање на рочиштето за случајот со масовното прислушување Таргет-Тврдина со образложение дека му треба време да одлучи како ќе се произнесе за кривичните дела за кои се судат обвинетите во овој случај.
„Имајќи ги предвид одредбите од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (КЗ) односно правните прашања кои произлегуваат од истиот и нивното влијание на правната квалификација на кривичните дела за кои се гонат обвинетите додека се донесе соодветна јавнообвинитеска одлука, барам да се одложи закажаната расправа“, пишува во поднесокот што обвинителот го достави до Кривичниот суд Скопје.
Поради ова, судијата Илија Трпков го одложи судењето за 4 октомври.
„Да видиме што ќе прецизираат од Јавното обвинителство и како ќе се осврнат на правната квалификација“, рече судијата Трпков.
Во случајот Таргет-Тврдина беа обвинети 12 луѓе кои со неправосилна судска одлука се осудени на вкупно 55 години затвор и 10 години условен затвор. Меѓу осудените се и поранешниот шеф на Управата за бебедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски, двајцата оперативци, бегалци во Грција, Горан Грујевски и Никола Бошкоски како и екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Ќар од измените во Кривичниот законик во врска со намалените казни за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, во овој случај ќе имаат Јанкуловска, Јакимовски и Бошкоски. За Мијалков, пак, ова е пола-пола ситуација. За него ќе нема застарување за злоупотреба на службената положба и овластување бидејќи нему му се суди по друг став од членот на законот според кој максималната казна е пет години, но затоа за него ќе застари кривичното дело злосторничко здружување, дело за кое исто така според измените на КЗ казните се драстично намалија.