
По пристигнатите 82 приговори вчера до Државната изборна комисија за одржаните предвремени парламентарни избори, првиот човек Оливер Дерковски вели дека по истите ќе се одлучува в недела или понеделник, кога треба да биде донесена и одлука за пребројување на гласачките ливчиња.
Ова ќе следува затоа што меѓу поднесените приговори и забелешки се бара и повторно пребројување на гласачките ливчиња, едно по едно.
„Ќе почекаме до утре да помине и другиот рок, па недела или понеделник ќе заседава комисијата и ќе одлучува по поднесените приговори“,рече претседателот на ДИК гостувајќи синоќа во Алфа ТВ.
Денеска е вториот ден за поднесување на приговори, по што ДИК во следните 72 часа ќе треба да одлучи дали и кои од нив ќе бидат прифатени.
Дел од политичките партии по завршувањето на изборите и прогласувањето на први неофицијални резултати од страна на ДИК реагираа дека станува збор за резултати на кои не може да им се верува.