Драган Даниловски, во интервју за Мкд.мк ги елаборира слабостите на здравствениот систем во Македонија, укажувајќи на проблемите, од каде потекнуваат и како може да се надминат.
На едно од прашањата кое се однесува на одлуката на Фондот за здравство осигурување драстично да ги намали операциите покриени од Фондот во приватните установи на сметка на државните, која ја донесе еден еден ден пред завршување на 2023 година, Даниловски вели: „Ако првично, кога се правел списокот на пациенти за операции во приватните установи, постоела одлука на ФЗО дека ќе ги покрие тие операции и ако пациентите се пријавувале под тој услов, тогаш, тоа така требало да остане до крај, за сите што се на списокот. Ваквата одлука, без нивно знаење и волја, ги дискриминира и ги става во незавидна положба да избираат дали ќе останат и понатаму на списокот и сами ќе си ги сносат трошоците за операциите или ќе се откажат. А ако се откажат можно е да се соочат со непотребно влошување на здравствената состојба. Оттаму, одлуката на ФЗО претставува флагрантна повреда на нивните права, согласно Законот за заштита на правата на пациентите (член 3, точка 3), како и прекршување на Европската повелба за правата на пациентите. Прекршено е и уставното начело (член 39) дека ‘на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита’“.
Д-р Даниловски е епидемиолог, универзитетски професор и поранешен министер за здравство.