Челнциите на земјите членки на Европската унија во вторникот преку видео-конференција договорија 30-дневно ограничување за влез преку надворешните граници на Унијата за граѓани од трети земји, и воспоставување брзи сообраќајни ленти на внатрешните граници за да се обезбеди нормален проток на стоките.
Оваа одлука е во наделжност на државите членки и владите на државите членки на надворешните граници на ЕУ треба да ја спроведат. Одлуката ќе важи, според сегашниот договор, следните 30 дена.
„Подготвени сме да преземаме сѐ што е потребно и нема да се колебаме да преземеме дополнителни мерки во согласност со развојот на ситуацијата. Нашиот непријател е вирусот и мораме да сториме сѐ за да ги заштитиме нашите луѓе и стопанствата“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, по видео-конференцијата.
Фон дер Лејен рече дека е итно потребно да се отстрани блокадата на внатрешните граници, на коишто се заглавени, како што рече, премногу луѓе.
ЕК во понеделникот предложи привремени ограничувања на патувањата кои не се нужни во ЕУ за лицата од трети земји, а забраната да не се применува на државјаните на трети земји кои легално работата во ЕУ и на членовите на семејствата, како и на државјаните на ЕУ кои се враќаат дома од трети земји. Од оваа забрана, исто така, се изземени лекарите, научниците и прекуграничните работници.
„Овој предлог доби голема поддршка, ниедна земја не го оцени негативно“, рече Фон дер Лејен која заедно со другите европски челници минатата седмица ја критикуваше одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го забрани влезот во САД на државјани од Шенгенскиот простор на ЕУ.
Забраната, или како што во Брисел го нарекува „ограничувањето“ на влезовите во ЕУ, би требало да овозможи отстранување на контролите на внатрешните граници меѓу самите држави членки. Многу држави воведоа такви контроли во обидите да го сопрат ширењето на епидемијата на коронавирусот.
Челниците на земјите членки на ЕУ, исто така, ги поддржаа мерките за помош на националните економии, заедничките јавни набавки на заштитна медицинска опрема и флексибилноста во спроведување на правилата за државните поддршки, што ЕК го предложи во понеделникот.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, потврди дека на редовниот самит на челниците на земјите членки на ЕУ, предвиден за 26-ти и 27-ми март во Брисел нема да се одржи, туку наместо тоа ќе биде спроведена видео-конференција.
„Редовниот состанок на Европскиот совет предвиден за 26-ти и 27-ми март ќе биде одложен за подоцна“, рече Мишел.