За да се откочи процесот за изградба на модерна регионална депонија кај овчеполското село Мечкуевци, државата и официјално и ги одзеде ингеренциите на општина Свети Николе за изградба на депонијата.
Градоначалникот Дејан Владев, остана без ингеренции само во делот на управување со заедничкото претпријатие за управување со отпад откако тој не ја прифаќаше предвидената локација. Живка Михајлова, координатор на проектот вели дека таа локација не била избрана туку така, односно проектот е во поодмината фаза, изработена е студија во вредност од 850.000 евра, финансирана со европски пари.
Од Министерството за животна во неколку наврати посочија дека во овој регион се имплементирани дел од активностите и во оваа напредна фаза не е оправдано стопирање на проектот, бидејќи тоа ќе значи не само стопирање на реализацијата туку и враќање на парите добиени од ЕУ што ќе падне на товар на сите граѓани.
– Се очекува до крај на годината да заврши тендерската постапка за избор на компанија. Имено веќе во наредната 2024 г. да се започне со градба. Целокупната техничка и тендерска документација во изминатиот период се ревидираше, се изработи урбанистичко планска документација. Целата документација во моментов е во фаза на проверка во МЖСПП, по што ќе се достави на одобрување во Министерство за финансии – Секторот за централно финансирање и склучување на договори, потоа следува одобрување од Делегација на Европска унија, по што тендерот ќе биде публикуван и ќе следи фаза од 3 месеци за достава на понуди и 3 месеци еваулациска постапка. Се очекува договорот да се склучи при крајот на 2023 година и да се започне со реализација – велат од МЖСПП.
Инаку, вкупната вредност на сите активности за изградба на регионална депонија за Источниот и северо-источниот регион изнесува 40 милиони евра добиени преку ИПА фондовите, а дел од средствата веќе се потрошени. Следува изградба на трансфер станици и регионална депонија за двата региона кои опфаќаат 18 општини.