OECD ја намали проценката за растот на еврозоната во 2024-та

Светската економија ќе расте оваа година со речиси исто темпо како во 2023 година, со подобрени изгледи за САД и послаб од очекуваниот раст на економијата на еврозоната поради забавувањето во Германија, проценува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕCD).

Светската економија годинава ќе порасне за 2,9 отсто, проценува ОЕCD, зголемувајќи ја проценката од минатата есен за 0,2 процентни поени. Тоа би значело дека темпото на раст треба да се забави само малку во однос на 2023 година, кога активноста се зголеми за 3,1 отсто.

И прогнозата за 2025 година покажува речиси ист раст, со проценета стапка на раст од три процента, според ноемвриските пресметки на ОЕCD.

Поттик за раст ќе биде очекуваното намалување на каматните стапки во водечките економии, паралелно со слабеењето на инфлацијата, објаснуваат од ОЕCD во меѓувремените прогнози за водечките светски економии.

Американската економија би требало да порасне за 2,1 отсто во 2024 година и да забави до 1,7 отсто во 2025 година, проценуваат тие. Растот на цените треба да забави, па централната банка ќе ги намали каматните стапки, а реалните приходи ќе растат.

Активноста во еврозоната годинава ќе порасне за само 0,6 отсто, пресметале во ОЕCD, намалувајќи ја проценката за 0,3 процентни поени поради очекуваното германско забавување. Тие малку ја намалија проценката за следната година, од 1,5 на 1,3 отсто.

Германската економија годинава би требало речиси да стагнира, со прогнозирана стапка на раст од 0,3 отсто. Според нивните пресметки, растот би требало да се забрза до 1,1 отсто во 2025 година. Франција, пак, треба да го следи просекот на еврозоната.

Кина има проблеми со кризата на пазарот на недвижности и „незадоволните“ потрошувачи, па овогодинешниот економски раст би требало да забави на 4,7 отсто, од минатогодишните 5,2 отсто. Во 2025 година, активноста треба дополнително да се забави на 4,2 отсто, прогнозира ОЕCD.

Индиската економија би требало да порасне најсилно годинава во големата група, за 6,2 отсто. Следува Индонезија со прогнозирана стапка на раст од 5,1 отсто.

Инфлацијата ослабе побрзо од очекуваното во САД и во еврозоната од ноември, додека во Кина беше стабилна, открија тие, предупредувајќи, сепак, дека растот на цените може да се забрза.

„Високото ниво на геополитичка тензија претставува значителен краткорочен ризик за активноста и инфлацијата, особено ако конфликтот на Блискиот исток предизвика нарушувања на енергетските пазари“, објаснуваат тие.

Растот на потрошувачките цени би можел неочекувано да се забрза поради тврдоглавите ценовни притисоци во услужниот сектор, додека економската активност би можела да расте послабо доколку влијанието на построгите услови за финансирање ги надмине очекувањата, додаваат тие.