Според договорот на МТВ и ЕБУ, официјалната промоција на песната за македонската јавност ќе се случи на празникот 8-ми март во Дневникот 2 на МТВ, по што песната со видеоспот ќе биде објавена и на официјалниот евровизиски Јутуб канал ( https://www.youtube.com/user/eurovision ) точно во 20:00 часот.
Македонскиот евровизиски тим ги кани новинарите на претходна затворена промоција и преслушување на евровизиската песна „YOU“, со којашто Васил Гарванлиев ќе настапи на 65-тото издание на Евровизија во Ротердам.
Промоцијата за новинарите ќе се одржи исто така во недела, на 8-ми март, но со почеток во 14:оо часот, во кафе барот Churchill ( се наоѓа на паркингот зад трговскиот центар Мавровка), локацијата каде што се снимаше и видеозаписот за песната.
Видеото за „Yоu“ го режираше Милена Витман, а за фотографијата и за монтажата се погрижи Ѓорѓи Вацев. Продуцент на спотот е Јелмаз Дервиши.
Како што е веќе познато, автор на музиката на песната е Невена Нешкоска, македонска композиторка и продуцентка која работи и живее во Чикаго. Невена е автор и на текстот на песната, којшто го создаде заедно со нејзината сестра Калина Нешкоска и колешката од Беркли Алис Шредер. За продукцијата и аранжманот на песната освен Невена Нешкоска се погрижија и Дарко Димитров и Лазар Цветкоски.