Официјални податоци: 14 жртви и 12 повредени во пожарот во тетовскиот ковид-центар

Министерството за здравство информира во четвртокот дека во синоќешната несреќа при пожарот во ковид-центарот во Тетово загинаа вкупно 14 лица, а уште 12 други се повредени.

Во ковид-центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти, останатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност, велат од Министерството.

Од Министерството за здравство во меѓувреме соопштија дека нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди.

„Министерството за здравство изразува сочувство до семејствата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа. Министерството во текот на денот постојано ќе информира за сите нови детали околу случајот, апелираме до медиумите и граѓаните да ги следат официјалните информации и да се воздржат од шпекулации за овој немил настан“, порачаа од министерството.