17.000 граѓани останале без работа поради корона кризата. Тие може да влезат во оперативниот план за вработување, но тој не нуди можност сите да добијат работа со државна помош. Околу 10.000 граѓани ќе опфати владиниот план за вработување, а предност ќе имаат оние кои ја изгубиле работата поради кризата. Денеска Агенцијата за вработување ги реобјави конкрусите, кои ќе траат три дена, до петок, а на нив не треба да аплицираат оние кои претходно се пријавиле.
„На граѓаните и на работодавачите им даваме уште една дополнителна шанса да аплицираат за програмата самовработување, мерката субвенционирање на плата, мерката парактиканство, мерката обука на работно место за познат работодавач и програмата јавни работи“, рече Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.
Првиот човек на АВРМ вели дека за мерката самовработување има пријавено повеќе од 2.500 граѓани. И за оваа мерка може да се аплицира до петок, очекуваат повеќе кандидати, а помош ќе добијат само 1.762.
„Финансиската рамка е толку колку што е сега. Но, ако во координација со претставниците на Владата и претставниците на Министерството за труд и социјална политика, ако се дава можност и со наредниот ребаланс на буџетот за овој износ да биде поголем за да бидат опфатени што е можно повеќе лица“, вели Абдуш Демири, директор на АВРМ.
Дел од пријавените ќе добијат грантови за самовработување, дел директно ќе бидат вработени, а други пак ќе треба да се дообучат за нова работа. Директорот на АВРМ, Демири, ветува дека избраните кандидати за брзо време ќе потпишат договори за работа.