Официјално почнува изборната кампања за шестите претседателски избори

Тројцата кандидати за следниот претседател на Македонија, професорката Гордана Силјановска Давкова предложена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, професорот Стево Пендаровски кандидиран од владејачките СДСМ и ДУИ и професорот Блерим Река предложен од опозициските албански партии Алијанса за Албаците и движењето БЕСА, од понеделникот официјално ја започнуваат трката по довербата на избирачите.

Силјановска кампањата ја започнува од Охрид, Пендаровски од Прилеп, а Река во изборната кампања влегува со голем митинг на плоштадот Скендербег во Скопје.

Според она што можеше да се проследи досега, се претпоставува дека Преспанскиот договор, евроинтеграциите и економијата, ќе бидат централните теми на кампањите, кои ќе ги водат партиските штабови. Па оттука, се очекува дека претседателските кандидати ќе излегуваат и надвор од нивните ингеренции.

Предизборната кампања ќе трае до петок, 19-ти април, по што следува 24 часовниот предизборен молк. На претстојните претседателски избори право на глас ќе имаат 1.808.131 граѓанин.

За изборите да бидат успешни, потребно е во вториот изборен круг на 5ти мај да излезат најмалку 40 отсто од запишаните гласачи или малку повеќе од 723.000 избирачи.