Оган ги повика своите гласачи да го поддржат Ердоган во вториот круг од претседателските избори

Челникот на алијансата Ata, Синан Оган, кој на првиот круг од турските претседателски избори освои малку над пет отсто од гласовите, објави во понеделникот дека во вториот круг во недела на 28-ми мај, ќе го поддржи актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган кој ќе се соочи со кандидатот на обединетата прозападна коалиција Кемал Киличдароглу.

На првиот изборен круг пред десет дена, Ердоган освои 49,24 отсто од гласовите, додека Киличдароглу освои 45,07 отсто. На третото место беше националистичкиот кандидат Синан Оган со 5,17 отсто од гласовите, а зад него е Мухарем Инче кој на три дена пред гласањето се повлече од трката, но се чини предоцна за да му овозможи победа на Киличдароглу во првиот круг, а освои само 0,43 отсто од гласовите.

Бидејќи ниеден од кандидатите не освои повеќе од 50 отсто плус еден глас, вториот круг, што е првпат во историјата на Турската Република, ќе се одржи ја 28-ми мај. Аналитичарите сметаат дека на Киличдароглу на нив тешко дека ќе успее да го надомести заостанувањето зад моќниот и влијателен турски претседател, имајќи предвид дека по големата мотивираност на неговите приврзаници од шесте опозициски партии и странската поддршка, речиси го исцрпил резервоарот од можни гласови.

За изборот на новиот претседател на Турција, како што се проценува, ќе бидат клучни гласачите на Оган, односно неговите 5 отсто гласови. Тој е поранешен припадник на националистичката партија MHP, но сега е во сојуз со партијата на Ердоган. Оган, имено, ја напушти MHP токму поради несогласувањата со партиската поддршка за турскиот претседател на изборите во 2015 година, но сега се смета дека неговите националистички пораки и повици на геополитичка независност на Турција се поблиски до ставовите на Ердоган, отколку на прозападната политика на Киличдароглу, Курдите и припадниците на религиското исламски малцинство Алевити (шиити).

„Одржавме средби со двајцата кандидати, сакам да истакнам дека одлуката не е донесена во рамките на никакво пазарење. Народната алијанса (опозицијата) не успеа да нѐ убеди (…) Ги повикувам оние кои гласаа за мене во првиот круг на 14-ти мај, својот глас на 28-ми мај да го дадат за Реџеп Тајип Ердоган“, рече Оган на заедничката прес-конференција.

Во своето обраќање истакна дека е важна репатријацијата на неколкуте милиони нелегални мигранти во Турција и изготвување временска рамка за нејзино спроведување, а ја нагласи и потребата од продолжување на борбата против „сите терористички групи“.

Претходно Оган најави редица услови од кои ќе зависи неговата одлука кој од двата кандидати ќе го поддржи вториот изборен круг. Меѓу нив особено ги истакнуваше да не се дозволат пратеници од прокурдската опозициска Демократска партија на народите (HFP) во парламентот. Според Оган, оваа партија е политичко крило на забранетата и прогласена за терористичка организација од Турција но и од ЕУ и САД, Работничката партија на Курдистан (PKK). На овие претседателските избори, HDP не истакна свој кандидат и го поддржа Киличдароглу.

Претходно во понеделникот партијата Zafer, која беше дела од алијансата Ata на Оган соопшти дека коалицијата практички престанала да постои по изборите, и дека секоја од партиите во неа сега настапува самостојно. Сега се очекува лидерот на партијата Zafer, Умит Оздаг во вторникот да соопшти кој од кандидатите ќе го поддржи во вториот круг.

Друг, пак, од функционерите на aлијансата Ata, Веждет Јоз, во неделата вечерта ги повика своите приврзаници да гласаат за претседателскиот кандидат на опозициската Национална алијанса, Кемал Кулчдароглу.

Актуелниот турски претседател успеа да ги мобилизира своите гласачи и покрај огромната инфлација која ја тресе Турција, како и острите критики за власта дека не реагирала навремено и соодветно по двата големи земјотреси кои однесоа 50.000 човечки животи. Неговото влегување во третата деценија на чело на Турција, бездруго, ќе ги вознемири критичарите, во прв ред меѓу западните сојузници, кои сметаат дека ѝ наштетува на демократијата во земјата. Тие очекуваат, дека доколку Киличдароглу, сепак, успее да победи во вториот круг, на слобода ќе бидат пуштени илјадници луѓе кои тие ги сметаат за политички затвореници и продемократски активисти. А особено полагаат надежи во пресвртница во геополитичкиот курс на земјата, во прв ред оддалечување од Русија и од соработката со Иран на Блискиот исток.