Со громогласен аплауз беше испратена премиерата на претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин синоќа во престижниот театар Шајо во Париз, Франција. Ова беше историски прв настап на македонска претстава во Националниот театар за современ танц во Париз.
– Навистина е голем успех и огромно признание и за мене како кореограф и за Скопје танцовиот театар да сме први кои сме поканети да настапиме тука во Шајо. Тоа е францускиот национален театар за современ танц сместен во една историска зграда. Навистина многу ни значи да сме во друштво со најдобрите и најпрестижните танчерски компании од светот – рече Рисимкин пред синоќешната изведба.
Претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ е обид да се најде јазик што функционира во ова нефункционално време, вели Рисимкин. Таа потенцира дека создала интимен танц во кој танчерите не се допираат еден со друг. Воден од софистицирана сценографија и костими, танцот во оваа претстава, распоредува апокалиптичен свет кој ја истакнува нашата изолација, но ја брани убавината.
Кореографијата е на Рисимкин, музиката ја напиша Тони Китановски, костимите ги изработи Благој Мицевски, а сценскиот дизајн е на Матеа Мијановиќ. Настапуваат Анастасија Данчевска, Мими Поп Алексова, Сара Цветковска, Бобан Русески, Дејан Битровски, Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, Андреј Димовски и Емилија Милак.
Скопје танцовиот театар со истата претстава ќе настапи и вечерва и утре во националниот театар Шајо во Париз. Претставата беше изведена на 10 март на големата сцена на Македонскиот народен театар, пред заминувањето за Франција.