Околу 3.200 работни места во Европа ќе укине американски „Ford“

Американскиот автомобилски гигант „Ford Motor“ планира во Европа да укине до 3.200 работни места и ќе пресели дел од дејностите со развој на производите во матичните САД, објави германскиот синдикат IG Metall.

Компанијата сака да отпушти околу 2.500 работници во одделот за развој на производите и околу 700 во управата, а најмногу работници ќе бидат отпуштени од локациите во Германија, објави синдикатот IG Metall.

Работниците во фабриката на „Ford“ во Келн, која вработува околу 14.000 луѓе, вклучително и 3.800 во центарот за развој на производите во Меркених, се известени за тие планови на состанокот на работничкиот совет во понеделникот.

Портпаролот на „Ford“ во Германија не сакал за Reuters да го коментира соопштението на синдикатот, повикувајќи се на изјавата од петокот во која се наведува дека преминот на производството на електрични возила бара структурни промени.

Портпаролот на седиштето на „Ford“ во американската сојузна држава Мичиген изјави дека разговорите со работничките совети во Германија продолжуваат и дека компанијата мора да биде „поконкурентна“ во преминот на производството на електрични возила. Конкретните деловни планови не сакал да ги коментира.

Минатата година „Ford“ најави две милијарди долари вложувања во проширувањето на производството во фабриката во Келн којашто би требало да произведува целосно електричен модел за купувачите со послаба куповна моќ. Фабриката во моментов го произведува моделот „форд фиеста“, мотори и менувачи.

Американската компанија во Европа вработува околу 45.000 работници, планира седум нови електрични модели, погон за склопување батерии во Германија и заедничко вложување за производство на батериски ќелии од никел во Турција.

Во „Ford“ заедно со германски „Volkswagen“ планира во следните шест години да произведе 1,2 милиони возила на неговата електричната платформа МЕB. Тоа партнерство има иднина, истакнаа претставниците на двете компании, иако портпаролот на „Ford“ за САД додал дека сѐ уште е потребно да се утврди улогата на „Volkswagen“ во новата генерација електрични возила на американската компанија наменети за европскиот пазар.

Меѓутоа, ланскиот јуни од „Ford“ предупредија дека во скорешен период би можеле значително да го намалат бројот на работните места во Шпанија и во Германија, имајќи предвид дека за склопувањето на електричните возила изискува помалку работни часови.

Во првите девет месеци минатата 2022 година маржите на добивките на „Ford“ пред даноците во Европа биле значително пониски отколку во Северна Америка. Во октомври компанијата предупредила на слабеењето на економското опкружување во Европа.