Околу 85.000 Ерменци го напуштија Нагорно Карабах

Околу 85.000 луѓе побарале засолниште во Ерменија откако Азербејџан целосно ја презема контролата над историски спорниот регион Нагорно-Карабах на Јужен Кавказ.

Портпаролката на ерменската влада Назели Багдасарјан во петокот во ерменскиот главен град Ереван изјави дека се работи за луѓе кои биле принудени да ги напуштат своите домови.

Според официјални, но непроверени информации, порано во Нагорно Карабах живееле 120.000 етнички Ерменци автохтоно население во Карабах. Азербејџан, откако во 2020 година изведе жестока воена операција во регионот во која зазема стратешки важни позиции во Карабах, минатата седмица со молскавична операција ја презеде целосната контрола врз спорниот регион со децении во воена офанзива.

Непризнатата самопрогласен ерменска Република Арцах, која управуваше со Нагорно-Карабах, потоа капитулираше и оваа седмица исто така објави дека ќе престане да постои од 1-ви јануари 2024 година.

Азербејџанската влада и Русија, која се сметаше за покровител и заштитник на Ерменија во војните од 1990-те години до пред две години откако ерменскиот премиер Никол Пашинјан почна да се свртува кон Западот, објавија дека нема причина луѓето да бегаат. Сепак, Ерменците од Карабах стравуваат од прогон и насилство од азербејџанската страна.

Постои дополнителна, религиозна димензија на конфликтот, бидејќи Ерменците се православни христијани, а Азербејџаните се муслимани.

На состанокот на владата во четвртокот вечерта во Ереван, ерменскиот премиер Пашинјан ја обвини соседната земја за „етничко чистење“. „Анализата на ситуацијата покажува дека во наредните денови нема да има повеќе Ерменци во Нагорно Карабах“, рече тој.

Според извори од ерменската влада, во близина на Нагорно Карабах е формиран хуманитарен центар за бегалци. Во самиот регион Нагаорно Карабах, пак, помошта ја пружаат припадниците на рускиот мировен корпус.