Пласманот во 68. полуфинале на Мастерс турнирите во кариерата за Новак Ѓоковиќ беше обезбеден многу потешко од очекувањата.
Првиот носител на турнирот во Рим имаше фуриозен старт, поведе во 4:0 во првиот сет по што дојде до мало опуштање и му дозволи на Кепфер да направи брејк. Сепак, Ѓоковиќ со уште еден брејк го завери освојувањето на првиот сет со 6:3.
Во вториот сет исто така тргна фуриозно, веднаш го одзеде сервисот на противникот и кога се очекуваше рутински да ја заврши работата, почна да греши и да не ги користи своите брејк топки.
Во првите два сета, Ѓоковиќ искористи само четири од вкупно 22 брејк топки. За разлика од него, Кепфер посебно во вториот сет знаеше тоа да го искористи, прво израмни на 3:3 во гемови, а потоа во десеттиот гем повторно направи брејк и приреди изненадување со овојување на вториот сет.
Првиот тенисер на АТП ранг листата, не дозволи сензација во Рим и одлучувачкиот сет го доби со 6:3 и си закажа полуфинална пресметка со Каспер Руд кој со 4:6,6:3,7:6 го елиминира Италијанецот Матео Беретини.
Кај дамите, прва полуфиналистка е Симона Халеп која по триумфот во првиот сет со 6:2 и водство од 2:0, нејзината противничка Јулија Путинцева го предаде мечот поради повреда.