Грчките фудбалски клубови Олимпијакос и Атромитос се обвинети за местење на резултатот на натпревар одигран пред пет години и им се заканува администритивно селење во понизок ранг на натпреварување.
Станува збор за меч одигран меѓу Олимпијакос и Атромитос на 4-ти февруари 2015 година, во кој тимот од Пиреа славеше со 2:1.
На Олимпијакос и Атромитос им се заканува испаѓање, додека на нивните сопственици Евангелос Маринакис и Јоргос Спанос, како и на португалскиот тренер Рикардо Са Пинто и уште десетици лица им се закануваат сериозни санкции поради сомневања за корупција и местење на резултати, се наведува во извештаите на грчките медиуми.
Специјалната комисија на Комисијата за етика при Грчкиот фудбалски сојуз предложи најстроги казни за скандалот во кој се вмешани вкупно 15 лица: клубовите да бидат исфрлени во понизок ранг на натпреварување и со 3 милиона евра казна, а играчите со трајна доживотна забрана за играње и занимавање со фудбалот. Сопствениците, пак, може да бидат осудени и на затворски казни.