Обединетата македонска дијаспора ( ОМД ), најголемата организација во светот на Македонците надвор од Македонија, со загриженост ги следи активностите и ставовите на главните политички партии во Република Македонија, на некои невладини организации и јавни личности, кои го нарушуваат демократскиот капацитет на државата.
-Во последните недели, 4-те најголеми политички партии во Република Македонија нелегитимно преговараат зад затворени врати на теми изборен законик и правото на глас на македонските граѓани надвор од Републиката и бројот на пратеници во Собранието. Дијаспората е значаен засебен фактор во македонското општество и тој не смее да биде маргинализиран или припоен по било која основа. Гласот на дијаспората како ентитет по ова прашање не смее да биде занемарен и игнориран. Без Mакедонците од дијаспората, Македонија како држава нема да има темелен просперитет. Историски гледано, дијаспората има значителен придонес за меѓународниот углед и економскиот развој на државата. ОМД е со цврст став дека секој политички лидер, пратеник и политичка партија која го игнорира и занемарува интересот на Македонецот од дијаспората, не делува политички во интерес на Македонија како држава, туку теснопартиски. Сигурни сме, поучени од искуството во државите во кои твориме и делуваме, дека таквите лидери ќе имаат кратко политичко делување и влијание и немаат долгорочна политичка иднина.
Дијаспората е дел од семејството кое се вика Македонија. Совеста, припадноста кон нацијата и патриотизмост во ништо не се помали од Македонците кои живеат во матичната држава, велат од ОМД.
Тие велат дека демократскиот глас е без цена во валута и не може да се измери аритметички. Наместо да се одредуваат математички квоти за кредибилитетот на изборниот глас, политичките партии треба да работат на елиминирање на објективните пречки кои го оневозможуваат граѓанинот каде и да е да го даде својот глас за својата иднина и иднината на Републиката.
ОМД сериозно ги повикува партиите и пратениците во Собранието да го разгледаат искуството на Холандија и Естонија по ова прашање.
-Денешната модерна технологија овозможува низа алатки кои можат да допринесат за транспарентност и кредибилност преку електронско гласање. Пратениците во Собранието, и пратеничките групи, а не политичките партиски лидери и неколкумина околу нив, кои делуваат под менторство и влијание на меѓународно посредништво кое го доведува во прашање независниот статус на државата, треба да одлучат кој изборен модел ќе се употреби. Секој сериозен одговорен политички субјект кој и мисли добро на државата и се залага за развој на демократија треба да се залага за современ изборен модел. Најавите за укинување на гласот на граѓаните кој живеат надвор од Републиката не се државнички интерес и одразува политичка незрелост. Македонскиот граѓанин во странство се залага за афирмација на матичната држава, за економски напредок, за силен демократски политички амбиент, силни владини институции базирани на владеење на правото, модерно образование, здравство, слободни медиуми, меѓусебно почитување, мир, соживот и толеранција. Дијаспората е дел од Македонското семејство и како таква активно ќе делува за добробит на матичната држава и ентитет, велат Македонците од дијаспората.