ОМД повикува на смирување на ситуацијата во Македонија

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ги повика претседателот, Владата и сите потписници на Договорот од Пржино, како и граѓанскиот сектор и здруженијата да се заложат за смирување на ситуацијата во Македонија и враќање на мирот и стабилноста.

– Следејќи ја ситуацијата во последните 25 години проследена со бојкоти на една или друга страна на Собранието и институциите на Македонија, доминација на партискиот и личен интерес над националниот, како и недостатокот од солидна опозиција која е неопходна за иднината на Македонија, ОМД повикува да се престане со уличната демократија и сите прашања да се решаваат во склоп на Собранието и институциите на државата, се вели во соопштението од ОМД.

Оттаму го осудуваат и како што велат, вандализмот на поединци кои се обидуваат да го делегитимираат оправданиот израз на незадоволство кај народот.

Од ОМД апелираат да се седне на преговори и да се дефинираат чекорите за излез од ситуацијата, а доколку треба да се назначат медијатори, тие да бидат од неутрални земји кои не се вклучени во политичката криза, како на пример Канада.

ОМД бара претседателот да ја поправи, како што велат, грешката што беше направена со неговата одлука за аболиција и да се одложат изборите закажани за 5 јуни доколку за тоа се договорат политичкиите партии и се заложат за фер избори до крајот на годината. Дијаспората предлага организирање на демократски избори најдоцна до април 2017 година и ги повикува медиумите да известуваат објективно, одговорно и непристрасно, а граѓанските здруженија и невладини организации на одговорно однесување и промовирање на активностите што можат да придонесат до позитивни промени.

Дијаспората предлага и формирање експертска влада од партиско независни експерти која ќе има единствено технички карактер, без право на одлучување и делување во однос на прашања од витален национален интерес, меѓу кои се спорот со името и евро-атлантските интеграции.

ОМД бара и непречено дејствување на Специјалниот јавен обвинител и јавна заложба на сите општествени субјекти за апстиненција од секаков говор на омраза и други деструктивни активности.

ОМД повикува во најбрз можен рок да се организира и итен попис на населението и активна пререгистрција за избирачкиот список, како и поголем ангажман на надлежните институции во издавањето или обновувањето на идентификационите и патни документи (пасош) неопходни за исполнување на правото на глас на граѓанинот во и надвор од Македонија.

Според ОМД, треба да се формира и Канцеларија за кадров персонален менаџмент предводена од независни човекови ресурсии, која ќе овозможи независна селекција на јавни службеници.