ОМД: Се’ уште се кршат човековите права на Македонците

На одбележувањето на 65- годишнината од Универзалната декларација за човекови права (УДЧП), на Меѓународниот ден на човековите права, Обединетата македонска дијаспора (ОМД) уште еднаш ги истакна предизвиците и успесите во глобалната борба за човекови права за Македонија и за Македонците .

Македонската дијаспора во САД повикува да се искористи одбележувањето на 65 годишнината од Универзалната декларација на човековите права на Обединетите нации за да се обрне вниманието на кршењето на правата на Македонците.

„Македонците беа решителни пред 110 години, при ослободувањето од Отоманската Империја, пред 69 години при анти-фашистичкото движење и пред 22 години, кога постигнаа слободна, независна и суверена Македонија. Денес предизвиците пред Македонија се тоа што се уште се нарекува поранешна југословенска Република Македонија во Обединетите нации, НАТО и во Европската Унија како и други меѓународни организации. Гугл мапс ја обележува земјата како Македонија (БЈРМ). Македонските лидери се соочени со внатрешни и надворешни притисоци да не се повлекуваат од преговорите во Обединетите нации. Членството во НАТО и во ЕУ не е на повидок. И, по 65 години од донесувањето на Универзалната декларација, Македонците во Бугарија и во Грција се лишени од основните човечки права на само-определување, собир, говор, верски и медиумски слободи, а и Македонците во Албанија, Косово и Србија не се во подобра положба“, пишува во пораката на Стојан Николов, претседавач на одборот на Обединетата македонска дијаспора.

ОМД ги повикува Македонците да продолжат да работат заедно за ширење на вистината за Македонија, за да обезбедат почитување на човековите права на Македонците пред меѓународната заедница.

„Како што кажа и Нелсон Мандела, кога луѓето се обединети, можат да постигнат се“, пишува во соопштението на ОМД.

Усвоена од страна на Генералното собрание на Обединетите нации на 10 декември 1948 година во Париз, Универзалната декларација на човековите права е прв документ кој ги проширува гаранциите на човековите права на ниво на сите жители на светот. Декларацијата ги гарантира човековите, политичките, верските и културните права на сите луѓе.

ОМД ги повикува сите Македонци да продолжат да работат заедно и да се шири вистината за Македонија и Македонците.