ОМО Илинден Пирин бара бугарската полиција да ги прегледа снимките од камерите и брзо да открие кој каменувал македонскиот клуб во Благоевград

Организацијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин бара од тамошната полиција да го истражи случајот со кршењето на стаклото на македонскиот клуб во Благоевград.

„Веќе 17 години напади врз македонските клубови во Бугарија. Дали полицијата конечно ќе истражи овој пат и нема да одбие? Да видиме дали ќе ги најде сторителите откако неодамна постави камери над клубот на свој начин. Се надевам дека беше за безбедност, а не само за следење на доаѓањето. А има од каде да почне – нека го испрашуваат Виктор Стојанов, еден од организаторите на провокациите, кој истовремено беше во Благоевград со цела банда аверис“, стои во постот објавен на фејсбук страницата на ОМО Илинден Пирин.

Во постот се означени премиерот Димитар Ковачевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, претседателот Стево Пендаровски, првиот човек на Левица Димитар Апасиев, министерот за надворешни работи Бујар Османи, вицепремиерот Бојан Маричиќ и претседателката на Европската комисија Урсула ван дер Лајен и комесарот Оливер Вархеи.

Во објавите од вчера, ОМО Илинден Пирин информираше дека Македонците од Бугарија го одбележуваат раѓањето на Гоце Делчев и оти положиле цвеќе на споменикот во Благоевград, но исто така посочуваат и дека не им било дозволено да користат македонски знамиња. Прославата во чест на Гоце продолжила во Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“.