ОН ја продолжи својата мисија во Либија за една година

Советот за безбедност на ООН едногласно усвои резолуција за продолжување на мисијата на Обединетите нации во Либија за една година. Се очекува тоа да придонесе за прекин на огнот.

Резолуцијата, подготвена од Велика Британија, го повикува генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш да претстави мерки до Советот за безбедност за постигнување постојан прекин на огнот во Либија.

Според дипломати, ако дојде до прекин на огнот, брзо може да се донесе и втора резолуција, со која ќе се формира мисија за следење на усогласеноста.

– Најверојатно решение за либискиот конфликт е војската, изјави портпаролот на силите на маршалот Калифа Хафтар, генерал Ахмед ал Месмари, на прес-конференција во Обединетите Арапски Емирати.

Според него, борбите во Либија се во завршна фаза.