ОН известуваат за огромен пораст на цивилните жртви во Авганистан

Бројот на убиени или повредени цивили во Авганистан во периодот од јули до септември годинава претставува цифра без преседан, се наведува во најновиот извештај на Обединетите нации.

Во рок од три месеци во Авганистан се убиени 1.174 цивили и 1.139 се повредени, што претставува пораст за 42 отсто во споредба со истиот период од минатата година.

Само во јули се регистрирани повеќе жртви отколку во кој било месец откако Мисијата на ОМ за помош на Авганистан (УНАМА) води таква статистика.

Во првите шест месеци од годинава забележан е извесен пад на бројот на жртви во однос на претходната 2018.

Но, насилството се интензивира во третиот квартал и придонесе за најголем раст на вкупниот број жртви од повлекувањето на борбените сили на НАТО кон крајот на 2014 година.