ОН: Немаме можност да ги потврдиме изјавите на Киев дека Русија извезува украинско жито

Структурите на ОН немаат можност да ги потврдат изјавите на Киев дека Русија наводно извезува украинско жито, изјави синоќа портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дијарик.

– Ги видовме овие извештаи во медиумите, разговаравме со нашите колеги од Светската програма за храна. Тие немаат начин да ги потврдат овие наводи. Сите ние сме за слободна трговија со храна преку Црното Море за да ги задоволиме потребите на луѓето ширум светот, рече тој, пренесува Бета повикувајќи се на РИА Новости.

Украина вакви обвинувања изнесе уште во средината на мај, предупредувајќи ги потенцијалните купувачи на руско жито дека производот наводно може да вклучува залихи кои биле „нелегално извезени“ од украинска територија.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен претходно изјави дека Вашингтон не ги доведува во прашање обвинувањата на Киев против Москва. Тој изрази уверување дека „Русија продава украинско жито подготвено за извоз во своја полза“.