Советот за безбедност при Обединетите нации едногласно во средата усвои резолуција со којашто се бара прекин на судирите во светот за да се олесни справувањето против пандемијата на Covid-19, откако повеќе од три месеца спор меѓу Кина и САД околу текстот на резолуцијата.
Текстот на резолуцијата заедничко го составија Франција и Тунис кои ја поздравија нејзиното усвојување, а тунискиот амбасадор при ОН, Каси Кабтани го оцени како „историско постигнување“. Првпат Советот за безбедност при ОН усвои резолуција за здравјето, задоволно истакна туниското претседателство.
„Оваа резолуција сега мора да се спроведе на дело“, изјави францускиот амбасадор при ОН, Николас де Ривиер, во заедничката изјава со тунискиот колега.
Некои се сомневаат во спроведување на текстот по многу долгата парализа на Советот за безбедност која предизвика сомневање во неговата веродостојноста.
САД и Кина со месеци го блокираа Советот за безбедност, спротиставувајќи се во поглед на местото кое во текстот треба да ѝ се даде на Светската здравствена организација (СЗО – WHO), а резолуцијата се обидува да го поддржи повикот кој на 23-ти март го упати генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на примирје во светот.
Гутереш во соопштение оцени дека усвојувањето на резолуцијата ќе испрати важен сигнал за страните во судирите.
Во текстот се бара „моментален и општ прекин на непријателствата“ во сите судири освен борбите против џихадистичките групации, како и хуманитарно примирје од најмалку 90 последователни денови поради пружање меѓународна помош на загрозените населенија.
Резолуцијата повеќе не го содржи параграфот за СЗО на кој САД категорично се спротиставуваа во претходната верзија.