ОН повикаа на кривично гонење на сторителите на злосторствата во конфликтот во Газа

Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (OHCHR), Волкер Турк, во петокот изјави дека сторителите на сериозни прекршувања на човековите права во конфликтот меѓу Израел и палестинското движење Хамас мора да бидат кривично гонети.

„Вкоренетата неказнивост за која OHCHR предупредува со години не смее да продолжи“, напиша Турк во својот извештај за ситуацијата во двете палестински енклави Појасот Газа и окупираниот Западен Брег.

Нагласува дека оваа неказнивост придонесува за кршење на правата кои можат да прераснат во меѓународни злосторства.

Австриецот ги повика сите страни вклучени во конфликтот „да стават крај на неказнивоста и да спроведат брзи, независни, непристрасни, темелни, ефективни и транспарентни истраги“ за наводните злосторства.

Турк, исто така, повикува на примирје од хуманитарни причини, за да се обезбеди целосно почитување на меѓународното право и да се обезбеди гонење на оние кои го прекршуваат.

Меѓународниот суд на правдата (МСП – ICJ) во Хаг минатиот месец му нареди на Израел да ги запре актите на геноцид врз Палестинците и да направи повеќе за заштита на цивилите. Меѓутоа, судот не нареди примирје, како што бараше Јужноафриканската Република, иницијатор на процесот пред тој суд.

JAR, во одделен процес во вторникот, го повика судот да издаде необврзувачко правно мислење дека израелската окупација на палестинските територии е нелегална, тврдејќи дека тоа ќе го олесни постигнувањето договор за прекин на огнот и воопшто во деценискиот израелско-палестински конфликт.