Обединетите нации упатија во вторникот апел за 397 милиони долари за помош на жртвите од земјотресот во Сирија, каде се загинати илјадници луѓе, а на милиони други им треба итна помош.
„Денеска објавувам дека ОН упатија хуманитарен апел за 397 милиони долари за населението погодено од земјотресот во Сирија. Тоа ќе биде доволно за три месеца“, рече генералниот секретар на светската организација, Антонио Гутереш.
Ги повика сите земји-членки на ОН „целосно и без одлагање да го финансираат“ повикот за помош за гарантирање на хуманитарната помош која, како што наведе, „очајнички им е потребна на речиси пет милиони Сиријци“ и која вклучува засолништа, медицинска нега и храна.
„Потребите се огромни и сите знаеме дека спасувачката помош не доаѓа со потребната брзина или обем“, рече генералниот секретар на ОН.
Се подготвува и покана за собирање средства во истиот износ наменети за Турција, додаде Гутереш и ги повика сите земји-членки „целосно и без одлагање да ја финансираат“ таа донаторска кампања со цел да се обезбеди „хуманитарна помош“.
Истакна дека една седна седмица по разорните земјотреси, милиони луѓе ширум регионот се борат да преживеат, без покрив над главата и се соочуваат со ниски температури.
Околу девет милиони луѓе во Сирија беа погодени од минатонеделниот разорен земјотрес што ги зафати Сирија и Турција, соопштија во вторникот ОН.
Во ваква ситуација без преседан, сирискиот претседател Башар ал-Асад во понеделникот се согласи да отвори уште два гранични премина меѓу Турција и бунтовничките области во северозападна Сирија, бидејќи ОН можеа да преминат само еден премин врз основа на резолуција на Советот за безбедност на ОН и наметнатите санкции врз Сирија, од кои дел се уште од 1970-те години.
„Човечкото страдање предизвикано од оваа невидена природна катастрофа не треба дополнително да се влошува со пречките што ги поставуваат луѓето“, рече Антонио Гутереш, барајќи уште еднаш помошта да може да се достави „по сите патишта, без никакви ограничувања“.
Иако конвоите на ОН минуваат низ граничниот премин Баб ал-Хава од четвртокот, и иако првиот конвој мина низ еден од двата нови премини во вторникот, ОН во понеделникот известија дека сè уште не успеале да организираат конвој меѓу линиите на раздвојвуање во Сирија.