Легализацијата и пандемијата на ковид-19 придонесле за зголемување на користењето на канабисот, се вели во годишниот Светски извештај за дроги на Обединетите нации.
Во извештајот се вели дека околу 284 милиони луѓе, односно 5,6% од светската популација, користеле дроги како хероин, кокаин, амфетамин или екстази во 2020. Од нив, 209 милиони консумирале и канабис.
Канабисот долго време е најкористената дрога на светот. Дел од американските сојузни држави ја легализираа рекреативната употреба, исто како и Уругвај и Канада. И други држави преземаат слични чекори.
„Легализацијата ги забрза нагорните трендови во пријавената дневна употреба на марихуаната. Ова особено е забележливо кај постарите тинејџери“, вели Канцеларијата за дроги и криминал на ОН, со седиште во Виена.
Производството на кокаинот достигнало рекордни нивоа во 2020, додека опиоидите остануваат најсмртоносните дроги, при што од предозирање со фентанил во САД починале 107.622 луѓе.