Јончевски: Се фокусираме на дуелот со Словачка

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Александар Јончевски очекувано изрази задоволство од стартната победа на „црвено – жолтите“ во претквалификациите за Евробаскетот 2025, истакнувајќи оти триумфот на гостински терен над Данска (73-70) е плод на напорна работа.

– Работевме три недели за ова, од првиот ден од подготовките се спремавме само за овој меч за Данска. Од оние индивидуални карактеристики па се до најситните детали за противникот. Така и функциониравме на овој натпревар. Гледано индивидуално, во првото полувреме му дозволивме на нивниот прв поентер Љунберг да има само два поени реализирани во самиот финиш. Знаевме дека во второто полувреме повеќе ќе напаѓаат преку него, дека ќе биде ’гладен за кошеви‘. Колку можевме, на крајот кажува статистиката, истакна Јончевски, кој ја забележа првата официјална победа по преземањето на македонската кошаркарска репрезентација.

Јончевски во изјава за официјалниот сајт на КФСМ, притоа, нагласи дека победата над Данска ќе има тежина само доколку неговите избраниците в недела во Скопје ја совладаат Словачка во рамки на второто коло во групата Д.

– Оваа победа ја забораваме, што би се рекло, во секунда. Тоа веќе им го реков на играчите во соблекувалната, затоа што се ќе биде залудно, сиот овој труд вложен овде, ако не ја победиме Словачка во Скопје, славењето, макар и скромно, ќе биде во Нествед, и ќе биде доволно. Нè чека уште многу работа, порача Јончевски.