Филмскиот фестивал во Кан ќе биде отворен во вторникот вечерта, со камбек-филмот на Џони Деп кој ги покажува неговите француски вештини како кралот Луј XV.
Кариерата на 59-годишникот наиде на удар во Холивуд, иако минатата година тој победи на судењето за клевета против поранешната сопруга Амбер Херд, при што јавноста беше огорчена од жестоките обвинувања за семејно насилство. Но, Деп постепено се враќа на работа и ќе се појави на црвениот тепих во Кан со француската драма „Jeanne du Barry“, за монархот од XVIII век кој се вљубува во проститутка.
Директорот на фестивалот Тиери Фремо им рече на новинарите дека „не е заинтересиран“ за судскиот процес на Деп. „Заинтересиран сум за Деп како актер“, рече тој.
Мајкл Даглас ќе присуствува и на церемонијата на отворање за да ја прими почесната Златна палма.
Индијана Џонс, Ди Каприо и ДеНиро
Фестивалот на француската ривиера, кој ќе трае до 27-ми мај, вклучува мноштво премиери, вклучително и „Индијана Џонс и бројчаникот на судбината“ во среда, кој ќе биде петти и последен дел од серијата во која Харисон Форд го глуми археологот.
Во сабота ќе биде прикажан најновиот филм на Мартин Скорсезе „Killers of the Flower Moon“ со Леонардо ди Каприо и Роберт де Ниро во главните улоги.
Истиот ден посетителите ќе можат да ги видат Натали Портман и Џулијан Мур во филмот на Тод Хејнс „May December“.
Станува збор за еден од 21 филм во конкуренција за Златната палма, а меѓу режисерите има седум жени, најмногу досега. Фремо рече дека зголемувањето на застапеноста на жените на фестивалот е „фундаментално прашање“, но „одбивам честитки, тоа е еволуција“.
„Ние не гледаме на пол, туку бираме филмови“, истакна.
Неколку лауреати се вратија во конкуренција, меѓу кои и двократниот победник од Британија, Кен Лоуч, Јапонецот Хироказу Коре-едо и Германецот Вим Вендерс.
Шефот на жирито е минатогодишниот победник, Швеѓанецот Рубен Остлунд („Триаголник на тагата“, а членови се и холивудските ѕвезди Бри Ларсон и Пол Дано.
Околу илјада полицајци и чувари работат на фестивалот поради страв од протести поврзани со непопуларните пензиски реформи на претседателот Емануел Макрон, а синдикатот CGT дури се заканува дека ќе ја исклучи струјата.
Многу грижи
Филмот „Jeanne du Barry“ на Деп, наводно, допрва треба да обезбеди дистрибуција во САД.
Неговите дијалози во филмот се сведени на кратки фрази кои му помагаат да го скрие американскиот акцент. Мајвен, француската ѕвезда која режира и глуми, призна дека е загрижена за влијанието на правните проблеми на Деп.
„Филмот е снимен минатото лето и тој всушност беше на второто судење“, изјави Мајвен за AFP минатата седмица. „Имав многу грижи. Се прашував каква ќе биде неговата репутација”, рече таа.
Но, и таа самата е контроверзна. Во март, познатиот француски новинар Едви Пленел од Mediapart поднесе кривична пријава против Мајвен, обвинувајќи ја дека му пришла во ресторан, го грабнала за коса и му плукала во лице.
Деп изгуби неколку ангажмани откако Херд го обвини за злоставување, но тој е далеку од несакан. Минатата седмица си обезбеди рекордна зделка од 20 милиони долари за да остане заштитно лице на модниот бренд „Dior“, објави магазинот Variety. Наскоро ќе режира и филм за уметникот Амедео Модиљани, кој ќе го игра Ал Пачино.