Британскиот премиер Борис Џонсон ќе мине низ третман на вештачка вентилација на белите дробови, изјавил за агенцијата РИА во неделата ноќта извор блозок на челниците на националниот здравствен систем (NHS) на Англија.
„Џонсон беше итно хоспитализиран, врз него ќе биде изведена вештачка вентилација на белите дробови“, рекол соговорникот на агенцијата.
Претходно во неделата вечерта беше објавено дека Џонсон е итно примен во болница на медицински прегледи, бидејќи неговите симптоми на Covid-19 не се намалуваат ниту десет дена откако беше позитивен на новиот тип коронавирус.
„По советот на лекарот, премиерот вечерва е примен во болница на испитувања. Станува збор за мерка на претпазливост, имајќи предвид дека премиерот веќе десет дена има симптоми откако беше позитивен на коронавирусот“, соопшти претходно за медиумите Даунинг Стрит истакнувајќи дека не станува збор за итен случај.
Бидејќи постојано имал зголемена телесна температура и незапирливо кашлал, лекарите оцениле дека ќе биде подобро да биде прегледан во болница, пренесе агенцијата Reuters.
Педесет и петгодишниот Џонсон на 27-ми март стана првиот челник на некоја голема светска сила кој беше позитивен на тестирање на коронавоирусот. Потоа замина во самоизолација во станот во седиштето на владата на Даунинг Стрит, а во петокот објави дека сѐ уште се наоѓа во изолација во станот.
Телевизијата Sky News во врска со оваа информација истакна дека Џонсон продолжува да го води својот министерски кабинет. Доколку тој биде оневозможен да ја извршува функцијата, должностите треба да бидат префрлени на министерот за надворешни работи Доминик Рааб.
Во Обединетото Кралство, покрај премиерот Борис Џонсон со коронавирусот беа заразени и престолонаследникот принцот од Велс – Чарлс, како и министерот за здравство, Мет Хенкок, кои веќе оздравеа. Една седмица во самоизолација поради сомневање на инфекција со вирусот во својот дом мина и министерот за одбрана Бен Валас, кој исто така објави дека закрепнал. Во самоизолација од претходно се наоѓаат и британскиот министер за Шкотска, Алистер Џек, главниот лекар за јавно здравство на Англија, Крис Вити, и главниот советник на премиерот Доминик Камингс.
Медицинскиот вентилатор е уред кој обезбедува механичка вентилација со движење на воздух во и надвор од белите дробови, овозможува земање здив на пациент кој физички не е во состојба да дише или недоволно дише. Современите вентилатори се компјутеризиран уред контролиран од микропроцесор, но пациентите, исто така, може да бидат вентилирани со едноставна рачно манипулирана маска за вентилација со кеси. Вентилаторите главно се користат во медицината за интензивна нега, домашна нега и медицинска помош (како самостојни единици) и во анестезиологијата (како компонента на уредот за анестезија).