Британскиот премиер Борис Џонсон ги отфрли во вторникот синоќешните медиумски извештаи дека неговата влада предложила воспоставување терминали по должината на границата меѓу Ирска и Северна Ирска, за да се разреши прашањето на ткн „бекстоп“.
Запрашан од новинарите дали неговата влада ги предлага царинските теминали на оддалеченост од 8 до 16 километри од границата, Џонсон одговори „Апсолутно не“. Меѓутоа, додаде дека „во крајна линија, суверена, единствена земја мора да има единствена царинска територија. Кога Обединетото Кралство ќе се повлече од Европската унија, тоа мора да биде состојбата на ситуацијата којашто ќе ја имаме“.
Вети дека многу скоро ќе ги објави новите предлози за Брисел, но не појасни на кој начин че се регулира прашањето на границата на Ирскиот остров. „Ќе дадеме многу добар предлог, тоа формално ќе го сториме многу брзо“, рече Џонсон за BBC.
Според вестите од ноќта кон вторникот кои се повикуваат на документи, владата во Лондон прифаќа дека мора да има царинска контрла во Ирска, но оти мора да се спроведуваат подалеку од границата, неколку километри за да се избегне потребата до воведување контроли на самата граница.
Владини извори за BBC рекле дека се подготвува правен текст од ажурираниот договор за брегзитот и дека јавноста повеќе за него ќе дознае следните денови.
Британскиот министер за правда, Роберт Бакленд, изјави во вторникот алудријаќи на споменатите написи, дека британските предлози со кои сака да се реши прашањето на ирската граница, за кои прва јави ирската јавна телевизија RTE, се само прелиминарни.
„Тие документи се појавија преку ноќ. Тие се само прелиминарни документи и покриваат само дел од прашањата кога станува збор за ирската граница“, рече Бакледн за радиото BBC.
„Бекстопот“ е заштитен механизам кој предвидува во случај да не биде договорено поповолно решение по транзицискиот период од две години, за да се избегне тврдата граница меѓу Република Ирска како членка на ЕУ и британската покраина Северна Ирска, Обединетото Кралство да остане во царинската унија. Предвиден е со договорот за раздружувањето кој го договори поранешната премиерка Тереза Меј.
Овој механизам е клучниот проблем во преговорите меѓу Брисел и Лондон. Сегашната британска влада вели дека решението кое ги постигнаа Брисел и Меј е неприфатливо и оти мора да се најде алтернатива.
Приврзаниците на „бекстопот“ велат дека тој е клучен за да може границата меѓу двете Ирски да остане отворена, односно за да се одржи кревкиот мир постигнат на Велики петок 1998 година со кој беше сопрено тридецениското крваво насилство. Токму овој заштитен механизам е неприфатлив за поборниците на брегзитот, бидејќи со него не се добиваат одврзани раце за склучување договори за слободна трговија со трети земји.
Секој нов предлог треба да го одобри парламентот, кој веќе трипати го отфрлаше текстот од договорот за брегзитот меѓу ЕУ и Тереза Меј.