Џонсон го смени министерот за домување, а оставка поднесе министерот за Велс

Британскиот премиер Борис Џонсон го смени ноќта кон четвртокот министерот за домување, регионален развој и локална самоуправа Мајкл Гоув кој го повика претходно да си поднесе оставка пренесе BBC, а истовремено во заднината на политичката криза во владата од должноста се повлече министерот за Велс, Сајмон Харт.

„Никогаш не бев силен поддржувач на идејата дека промените најдобро се остваруваат преки оставки на министрите. Колегите јавно и приватно дадоа сѐ од себе за да ви помогнат да го пренасочите бродот, но, за жал, чувствувам дека ја поминавме точката на која тоа сѐ уште беше возможно“, напиша Харт во оставката објавена на Twitter.

Тој е третиот министер, по министрите за финансии и за здравство, Риши Сунак и Саџид Џавид кои самоволно го напуштија кабинетот на премиерот Борис Џонсон изминатите два дена. Вкупно 44 лица ја напуштија владаа на Џонсон од вторникот вечера, меѓу кои и 10 заменици министри.

Според медиумите, Харт бил меѓу оние членови на кабинетот кои во средата го повикале Џонсон „достоинствено“ да ја напушти функцијата без да го чека второто гласање за доверба во парламентот. Досега и други министри кои бараа оставка од премиерот која тој остро ја одби, не ги напуштија своите позиции, но политичките коментатори очекуваат тоа да се случи можеби уште во четвртокот.

Џонсон во средата се спротистави на притисоците од министрите да поднесат оставка и сѐ посилниот бунт во неговата владејачка Конзервативна партија, велејќи дека ќе даде отпор на секој обид да биде сменет.

По повеќето од 40-те оставки на функционери и отворениот бунт на бројните конзервативни пратеници во парламентот, некои министри заминале во Даунинг стрит 10 да му кажат на Џонсон дека мора да отстапи, рекол неименуван извор за Reuters. Еден од нив го поттикнувал самиот „чесно да се повлече“, наместо да се соочи со изгласување недоверба. Многу пратеници реле дека веќе не е прашањето дали Џонсон мора да си замине, туку кога ќе си замине.

Во средата ноќта државната обвинетелка за Англија и Велс, Сју-Елен Брејермен во настап за телевизијата iTV го повика премиерот Борис Џонсон да се повлече од функцијата и стана првиот член на кабинетот и на Конзервативната партија кој најави дека ќе се кандидира на засега сѐ уште не објавената кампања за избор на челник на Конзервативната партија.

„Го поддржував Борис долги години, горда сум што работам во неговата влада, на она што го достигна по прашањата на брегзитот, коронавирусот, Украина. Денеска сум неверојатно вознемирена од ова неподносливо чувство на очај и тага во парламентот меѓу конзервативните пратеници, затоа што – и ме боли да го кажам тоа – време е премиерот да си замине“, рече Брајвермен и додаде дека ќе се кандидира доколку дојде до борба за партиското водство.

Но и покрај бројните барања упатени до Џонсон да поднесе оставка, конзервативниот пратеник и негов близок соработник Џејмс Дадриџ по состанокот на кабинетот за Sky News изјави дека британскиот премиер е „подготвен за борба“. Дадриџ додаде дека Џонсон и новоименуваниот министер за финансии Надим Захви ќе изработат нов економски план кој ќе вклучува и намалување на даноците.

Џонсон во средата пред парламентарната комисија рече дека нема да отстапи и дека изборите се последното што ѝ е потребно на земјата. Додаде и дека тој имаше мандат за изборите во 2019 година, кој го доби со големо мнозинство, како и дека не би било одговорно да ја напушти функцијата среде криза предизвикана со растот на животните трошоци во Велика Британија за што тој ја обвинува војната во Украина.

„Премиерот се залажува дека ќе опстане без поддршка на парламентот. Тој ја срамоти Конзервативната партија и покажува презир кон избирачкото тело“, рекол за Reuters неименуван влијателен пратеник на конзервативците.

Од друга страна, министерката за култура Надин Дориес изјави дека Џонсон ја ужива нејзината поддршка, а на прашањето дали го поддржуваат и другите, одговори „Да, целосно“.