Британскиот премиер Борис Џонсон свика седница на владата за подоцна од понеделникот на која би можело да биде донесена одлуката од пратениците да се побара распишување предвремени парламентарни избори, доколку гласаат против неговиот план за излегување од Европската унија, смета политичката уредничка на јавниот сервис BBC, Лора Куенсберг.
„Владата ќе се состане попладнево“, открива Куенсберг и додава дека сега постои „реална можност“ премиерот Борис Џонсон од пратениците оваа седмица да побара распишување избори. „Тоа ќе се случи доколку бунтовниците го изгласаат законот, но не и доколку загубат, секако“, заклучува.
Куенсберг притоа се повикува на очекуваниот обид на опозициските партии и дел од конзервативните пратеници да ја принудат владата од Брисел да бара одложување на рокот за брегзитот.
Парламентарците од летната пауза се враќаат во вторник, а Sky News во понеделникот објави дека конзервативците сметаат дека има најмалку 19 бунтовници во нивите редови. Извор од водството на „Ториевците“ открил во понеделникот дека секој конзервативен пратеник кој ќе гласа против владата ќе биде исфрлен од партијата и нема да може да се кандидира покрај сопартијците на следните избори.
Џонсон во моментов има само еден глас мнозинство во парламентот со 650 мандати, па поради неговите закани за исклучувањето на пратениците од партијата, како на пример поранешните министри за финансии и за одбрана Филип Хамонд и Дејвид Гок, може да бидат распишани нови избори.
„Би било целосно неразумно пратениците, кои трипати го отфрлија минатиот договор, да се обидат да му ги врзат рацете на премиерот додека се обидува да преговара за договорот кој може да го поддржат во пресрет на состанокот на Европскиот совет во октомври. Тој е прашуван многу, многу пати, а неговиот одговор секогаш беше дека не сака избори. Верува дека јавноста од него бара да го спроведе брегзитот на 31-ви октомври. Целосно е концетриран на тоа“, изјави во понеделникот портпаролот на Џонсон, отфрлајќи дека премиерот планира да спроведе нови избори.
Челникот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, исто така, во понеделникот коментираше дека не сака избори и дека неговата партија ќе спречи излегување од ЕУ без договор. „Мораме да се обединиме за да го сопреме брегзитот без договор, оваа седмица би можела да биде нашата последна шанса“, порача.