![nafta busotina](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/01/nafta-busotina.jpg?resize=640%2C411&ssl=1)
Во својот последен месечен извештај за декември, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) повторно ја намали прогнозата за глобалниот раст на побарувачката на нафта за 2024 година – петти пат по ред.
Седиштето на ОПЕК во Виена сега предвидува дека глобалната побарувачка на нафта ќе порасне за 1,6 милиони барели дневно (bpd) оваа година, што е помалку од претходната проценка во ноември, кога беше очекуван раст од 1,81 милиони барели дневно.
Оваа ревизија е резултат на послабата побарувачка за енергенти, пред сè, во Кина, но и во САД и азиско-пацифичкиот регион, пренесува Ројтерс.
И покрај намалувањето, прогнозираниот раст на побарувачката останува над историскиот просек од 1,4 милиони барели дневно, регистриран пред пандемијата на Ковид-19.
Во истиот извештај, ОПЕК ја коригираше и прогнозата за раст на побарувачката за 2025 година, намалувајќи ја за 90.000 барели дневно, на 1,4 милиони барели дневно.
Светските цени на нафтата, според Танјуг, забележаа пад од 17 проценти од јули наваму.
Воедно, ОПЕК предвидува дека глобалниот економски раст оваа година ќе достигне 3,1 отсто, додека во 2025 година благо ќе се намали на три отсто.