Во текот на утрешниот ден предвидени се активности за санација и децениски задоцнета модернизација на главниот градски водовод. За оваа цел изготвен е оперативен план со кој се предвидува прецизна постапка за овој зафат со цел брзо и ефикасно завршување на ваквиот потфат, соопшти ЈП Водовод и канализација – Скопје.
„Главна цел на овој оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот во Општина Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на 6 сегменти каде во изминати децении се нотирани огромни загуби можна вода. Со затварање на главниот градски цевковод Ф1600 мм поради санација на 5 затворачи по должина на оваа линија на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булевар Партизански одреди со ул. Никола Парапунов ќе се изврши:
– Замена на нефункционален затворач Ф 400мм на кружен тек во Ѓорче Петров
– Репарација на затворач Ф600 мм на мост Обединети нации кој тече
– Заптивање на затворач Ф700 мм на булевар Партизански Одреди кој протекува и замена на затворач Ф150 кој се наоѓа во истата шахта
– Санација на затворач Ф700 мм и Ф500 мм на ул. Никола Парапунов.
– Замена на 4 водушни вентили.
Согласно оперативниот план за санација на затворачите на градска водоводна линија Ф1600 мм, сектор Водовод презема бројни оперативни активности за подготовка на луѓе, механизација, алат и пумпи.
Во процесот на активности сектор Водовод првично ќе направи проверка за исправноста на воздушните вентили, испусти и хидранти поставени по должината на цевководот Ф1600 мм. По утврдување на состојбата и констатирање на нивната исправност сектор Водовод со екипи составени од 6 пункта носители на работата со обезбедена испомош на конкретни работници од други пунктови ќе обезбеди сигурно празнење и полнење на системот.
Акцијата е предвидена на 21 декември, односно сабота со почеток во раните утрински часови кога сите екипи на секторите ЕОК, Механизација и Водовод ќе бидат на предвидените локации.
Се очекува оваа операција да заврши за помалку од 15 часа во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод.
Апелираме до сите јавни чинители да внимаваат во изнесувањето информации и да не предизвикуваат страв и паника кај граѓаните за неколку часовното немање вода. Овој сериозен зафат се презема за да се превенираат состојби на дефекти како што се тие во Тетово, Битола, Штип и Неготино, каде со денови и недели немаше вода поради несанирани дефекти“ наведуваат од претпријатието.
За сите прашања во врска со статусот на операцијата Водовод и канализација Скопје ќе бидат достапни за одговори во текот на целото времетраење на санацијата, соопшти ЈП Водовод и канализација – Скопје.