Опозицијата бара Османи да го обелодени предложениот документ до Бугарија

Преговорите со Бугарија веќе подолго време се водат зад грбот на јавноста. За работата на историската комисија, за тоа што се преговара, што е договорено и какви отстапки прави македонската страна, информации нема ниту за јавноста, ниту за пратениците, велат од Левица.

„Ваквата констелација на нештата, само ги потврдува сомнежите дека Владата предводена од ДУИ и од СДСМ подготвуваат ново велепредавство на македонскиот народ и држава. Овој пат зад затворени врати. Ова го потврди и Министерот Бујар Османи, кој јавно изјави дека има изготвено документ кој Македонија е спремна да го прифати, но дека се чека одговор од бугарската страна. Ако се земе во предвид и за тоа дека веќе неколку членови од Историската комисија поднесоа оставки, веројатно Владата го спрема последниот чин од нејзиниот процес на демакедонизација“, се вели во соопштението испратено од партијата.

Ново национално велепредавство, не смее, не може и нема да помине, порачуваат од партијата на Димитар Апасиев.

На сличен став се и во ВМРО-ДПМНЕ, од каде веќе подолго време се изразува сомнеж во врска со преговарачкиот процес со источниот сосед.

– Бујар Османи вчера кажа дека помеѓу Бугарија и Македонија има документ кој е основа за договор меѓу двете држави кој што македонската страна го прифаќа и еве јавно во името на граѓаните на државата, во името на интересот на сите, повикуваме да го обелоденат тој таен документ и да кажат јавно што содржи – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.